Дру Гордон, поранешен играч на Партизан и постар брат на кошаркарот на Денвер Нагетс, Арон Гордон, прерано го загуби животот во сообраќајна несреќа во Портланд ноќта меѓу четвртокот и петокот, по средноевропско време.
Оваа вест за американските медиуми ја потврди неговиот менаџер Калвин Ендрјус. Дру имаше 33 години и зад себе ја остави сопругата Анџела и три деца.
Гордон престана да игра кошарка минатата година. Играше за средното училиште Арчбишоп Мити во родниот Сан Хозе, Калифорнија и играше за два престижни универзитети, Ју-Си-Ел-Еј и Ново Мексико.
Не беше драфтуван во 2012 година кога дипломираше, но доби шанса во Партизан, кој беше негов прв од многуте европски клубови.
Патот подоцна го одведе до Динамо Сасари, Банвит, Филаделфија Севентисиксерс и нивниот развојен тим Делавер, па се врати во Европа во редовите на Шалон, Лијетувос Ритас, Зенит и назад во САД во резервниот тим на Бруклин Нетс, Лонг Ајленд Нетс.
Овој кошаркарски номад во последната фаза од кариерата настапуваше за Зјелона Гора, Автодор, Локомотив Кубан, Будивељник и на крајот Фукуока, каде што минатата година реши да ја заврши професионалната кошаркарска кариера.