Top Sport

Војдан Стојановски: Македонија покажа победнички карактер

Македонија ќе игра во квалификациите за Евробаскетот во 2025 година. Кошаркарската репрезентација заврши на првото место од групата Д од втората рунда од претквалификациите.

Пет победи и еден пораз во шест одиграни мечеви во изминатите три ФИБА „прозорци“ беа гаранција за успех, за реализација на плановите на нашите најдобри кошаркари, кои и во овој циклус успешно ги предводи капитенот Војдан Стојановски.

Тој постигна 16 поени, надополнети со пет скока, две асистенции и две освоени топки во триумфот против Норвешка.

„Имаше некоја доза на вознемиреност откако дознавме дека Словачка стигна до драматична победа во Данска, неспорно, но и ништо страшно. Но, искрено, се чини дека тоа беше и дополнителен мотив кај сите нас, дека сѐ е во нашите раце на средбата во Осло. Влеговме во натпреварот како што и посакувавме, многу подобро од онаа средба во Левице, кога му дозволивме на противникот шутерски да се отвори и да ни даде 15 тројки. Норвежаните се познати по добриот шут за три поени, и интенција ни беше да ги спречиме нивните главни шутери. Можеби оваа средба во Осло наликуваше на онаа од Гевгелија, кога навистина ги исполнивме сите задачи во дефанзивата, каде посветивме многу поголемо внимание. Добриот почеток беше основа и за добра игра“, изјави Војдан Стојановски.

Играњето „под притисок“ не донесе и дополнителни проблеми во реализација на планираното на теренот.

„Она што е извесно е дека оваа екипа покажа карактер. Јасно е дека не беше лесно да се ‘префрлиме’ во Осло по оној пораз во Левице. Но, игравме со уште поголема верба во сопствените можности. А како одминуваа минутите на површина излезе и нашиот квалитет. Реално доста поголем од оној кој го имаат Норвежаните. Ниту во еден момент не им дозволивме да се надеваат на некое изненадување, и мирно го привршивме натпреварот во кој ја оправдаме улогата на фаворит“, истакна еден од најискусните во ростерот на „црвено-жолтите“.

Scroll to Top