Top Sport

Војдан Стојановски: Ова нека биде нов почеток за репрезентацијата

Најдобрата македонска кошаркарска репрезентација претпладнево ги започна мини подготовките за натпреварите со Словачка и Швајцарија, со кои ќе ги започне претквалификациите за пласман во квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство во 2021 година.

Новиот претквалификациски циклус доаѓа по летниот неуспех кога Македонија не успеа да избори пласман во квалификациите за пласман на мундијалот во Кина во 2019 година.

На селекторот Јорданчо Давитков на првиот тренинг му се јавија 15 кошаркари, тројца не тренираа, но ќе тренираат попладнево (Дамјан Стојановски, Ненад Димитријевиќ и Бојан Крстевски), искусниот Ѓорѓи Чековски, поради повреда, ќе ги пропушти дуелите, исто како и Диме Тасовски, а Бојан Трајковски се појави во СЦ „Јане Сандански“, но само за да го извести селекторот дека лекарите му советувале да одмора десетина дена поради повредата на мускулот, па така и тој нема да е дел од националниот тим.

Во ситуација кога Чековски и Трајковски не се во тимот, најголемиот товар под обрачите ќе треба да го понесе Љубомир Младеновски, кој игра одлично од почетокот на сезоната во првенството на Словенија.

„Периодот е кус за некои поголеми подготовки и кроење тактики, се надевам дека моите соиграчи се чувствуваат добро. Првиот натпревар е најтежок, играме кај Словачка. Се надевам дека ќе извлечеме позитивен резултат, па дури и да загубиме, важно ќе биде дома да ги победиме Словачка и Швајцарија со поголема кош разлика. Јас ќе го дадам својот максимум и се надевам дека во многу нешта ќе придонесам за тимот“, изјави Младеновски.

Селекторот Давитков посочи дека главната опасност во играта на Словачка доаѓа од надворешната линија, каде што ритамот го диктираат двајцата Американци, од кои, како што вели селекторот, едниот е навистина добар.

Одговорноста тука ќе ја преземат најискусните Александар Костоски и браќата Стојановски.

„Треба да ги поминеме овие претквалификации, да започнеме да одиме нагоре. Ни требаат успеси. Овие две лета што ги имавме беа неуспешни за македонската кошарка и за нас индивидуално. Се надевам дека ова ќе биде еден нов почеток. Словаците се навистина добра репрезентација, физички се доста силни, добро трчаат. Сигурно дека таму нѐ очекува тежок натпревар. Ако не одиграме со 100 отсто од силите, ќе ни биде многу тешко“, вели капитенот на репрезентацијата, Војдан Стојановски.

Македонија ќе гостува во Словачка на 23 ноември, а три дена подоцна ќе ја пречека Швајцарија.

Scroll to Top