Тренерот на турски Фенербахче, Жељко Обрадовиќ се осврна на ужасниот старт на неговата екипа во Евролигата која по 5 одиграни меча има само една победа.
Макаби го остави Фенер на само 55 постигнати поени, што е најмалку од почетокот на сезоната. На сите им е јасно дека нешто силно не „штима“ во редовите на Фенербахче, а Обрадовиќ вели дека вината е негова.
„Сите вие сте ги гледале овие играчи, ги знаете многу добро и јас знам дека ова не е нивното ниво, што значи дека тренерот е виновен. Моја работа е тие да играат подобро, секој од нив. Ова е мој тим и ова се мои играчи. Секогаш ќе бидам со нив и секогаш ќе им верувам“ – рече Обрадовиќ на прес-конференција.
Фенер постигна само 21 поен во првото полувреме со Макаби.
„Доколку се најдете во ситуација по само неколку напади да губите 5-6 разлика и за тоа време да имате само еден добар шут, значи дека не сте играле добро. Вистината беше дека игравме малку подобро во второто полувреме, но полоша игра од онаа во првиот дел не можевме да имаме“ – искрено одговори стратегот на турската екипа.