НБА ѕвездата на Њу Орлеанс Пеликанс, Зајон Вилијамсон, е обвинет за сексуално, физичко, емоционално и финансиско злоставување за време на долгогодишна врска, според тужбата поднесена во судот во Лос Анџелес.
Жената, која е означена со името Џејн Доу (или НН лице), го обвини Вилијамсон за „континуиран модел на злоставување, контрола и закани“ за време на нивната врска што траела од 2018 до 2023 година. Во тужбата од 12 страници се наведува дека Вилијамсон ја злоставувал жената на бројни локации низ САД, како што се сојузните држави Луизијана и Калифорнија.
Два инциденти на силување од 2020 година беа особено истакнати. Во првиот, според жртвата, жената побарала да си легне, но Вилијамсон наводно ѝ рекол дека „не може да го прави тоа без да има секс со него“, по што тој ја силувал, а потоа ѝ го скршил телефонот и ја давел.
Вториот случај на силување се случил, според содржината на тужбата, во октомври 2020 година, кога жртвата изразила желба да посети пријател во Сан Диего, поради што Вилијамсон ја силувал.
Во двата случаи, тој ја давел, поради што таа била во несвест. Вилијамсон е обвинет и за закана дека ќе ја убие, како и за влегување во нејзиниот стан без дозвола и одземање на нејзините работи.
Адвокатскиот тим на Вилијамс ги негираше обвинувањата, велејќи дека „врската била заемна“ и дека „во ниту еден момент по раскинувањето обвинителката не изразила никаква загриженост“:
„Иако овие обвинувања се невистинити, ние ја разбираме сериозноста на ситуацијата и обвинувањата и ја поздравуваме можноста да ја докажеме вистината на суд. Уверени сме дека судскиот процес ќе ја открие вистината“, се вели во соопштението.