Top Sport

Арсенал го надмина кошмарот од Ливерпул, цехот го плати Фулам (видео)

Тимот на Арсенал се консолидираше по „петардата“ од Ливерпул на 29 минатиот месец кога загуби со 5-1 на „Енфилд“, па се чини цехот го плати годинава слабиот Фулам кој од „Емирати“ си отиде со 4 гола во мрежата.

Во вториот натпревар од 21. коло во Премиер лигата, на првиот ден од 2019 година Арсенал дома го победи Фулам со 4-1.
Домашниот тим добро го почна натпреварот, па во 25 минута поведе со 1-0, со голот на Гранит Џака. До крајот на првите 45 минути Арсенал имаше доминација на теренот, создаваше шанси за гол преку Џака и Обамејанг, но најубавата прилика за зголемување на водството „Топчиите“ ја пропуштија во 42 минута кога Лаказет излезе очи в очи со голманот на гостите, Серхио Рико, биеше добро, но голманот беше поуспешен. Со минималното водство се отиде на одмор.

Во вториот дел Арсенал повторно беше подобриот противник, па во 55 минута Лаказет погоди за 2-0. Кога се чинеше дека Фулам е скршен, Камара во 69 минута постигнува погодок за да го остави својот тим во игра.

Сепак надежта кратко траеше затоа што Ремзи во 79 минута погоди за Арсенал за 3-1, а само 4 минути подоцна Обамејанг го дотолчи противникот постигнувајќи гол за конечни 4-1 за Арсенал.

Со новите 3 бода Арсенал сега е петти на табелата со 41 бод, додека тимот на Фулам грчевито се бори за опстанок. Се наоѓа на претпоследната позиција со 14 бода.

Scroll to Top