Младиот 18-годишен Канаѓанец Феликс Алијасим испишува историја на Мастерсот во Мајами. Тинејџерот кој моментно е 57. светски рекет обезбеди полуфинале на престижниот турнир откако денеска со 2-0 во сетови (7-6, 6-2) беше подобар од 13 носител, Хрватот Борна Чориќ.
Младиот Канаѓанец има 18 години и 200 дена и е најмладиот тенисер кој ќе игра полуфинале во Мајами од постоењето на турнирот, од 1984 година.
Феликс успехот го најави претходната недела кога во финалето на турнирот во Рио изгуби од српскиот тенисер Ласло Ѓере, а на Индијан Велс успеа да слави победа над, во тој момент 10-от на светот, Стефанос Циципас.
Канаѓанецот има импресивен скор против играчите кои се во Топ 20 на АТП листата, 5 мечеви и 5 победи.
Во полуфиналето во Мајами Алијасим ќе ја одмери силата со домашниот тенисер, Џон Иснер, 9. на светот во моментов, кој за влез во најдобрата четворка на турнирот го совлада Роберт Баутиста Агут.