Бразилскиот бек, Дани Алвес го напушта ПСЖ. По две години во Париз и 5 освоени пехари, Бразилецот кој светската слава ја доживеа во дресот на Барселона вчера на друштвените мрежи соопшти дека го напушта „Паркот на принцовите“.
Пред 36-годишниот играч, кој се спомена дека има можност пак да се врати во Барса се уште 4 примамливи дестинации – Борусија Дотрмунд, Манчестер Сити, Интер и Гвангжу Евергранде.
Алвес со Сити се поврзуваше и пред две години, кога го напушташе Јувентус. Гвардиола и Алвез добро се познаваат од времето во Барселона, но сега во Манчестер Бразилецот би требало да ја прифати улогата резервист на Кајли Вокер.
Како потенцијална дестинација за бразилскиот бек се споменува Интер и тоа со годишна плата од 3.5 милиони евра, што е за еден милион помалку од актуелната на фудбалерот. Во Интер би го добил она што нема кај „граѓаните“, минути за игра и место во стартната постава на Конте.
Мало изненадување е опцијата Алвес да се пресели во Дортмунд, кај вицепрвакот на Германија, Борусија. Веројатно таму во тимот би му бил конкуренција на Лукас Пишчек. Алвес досега во кариерата не играл во Бундеслигата.
Се поактуелни се трансферите на големи фудбалски имиња и во Кина. Гвангжу Евергранде се споменува како сериозен кандидат за потписот на бразилскиот дефанзивец, каде тој би имал помирен крај на кариерата.