Лидерот во Ла Лига, мадридски Реал попладнево славеше во дуелот со второпласираната екипа на табелата, Гранада со 4-2 во меч кој донесе многу возбудувања, прекрасни голови и шанси на двете страни.
Многу рано, уште по првиот допир со топката во противничкиот шеснаесетник, Карин Бензема носи водство за Реал со 1-0. Се играше втората минута.
Во моментите кога судијата се подготвуваше да отсвири крај на првиот дел кој помина во доминација на „кралевите“, белгискиот фудбалер искористи една грешка на противничката одбрана, па со одмерен лоб удар го постигна дебитантскиот официјален погодок за мадридскиот клуб, за 2-0.
Во вториот дел се играше 61 минута, Азар асистираше од левата страна, а Лука Модриќ упати проектил кон голот на Гранада кој заврши во горниот десен агол за убедливи 3-0.
Кога сите на „Бернабеу“ очекуваа мирен финиш и лесни 3 бода за задржување на лидерската позиција на табелата, голманот Алфонсо Ареола направи грешка при додавањето во сопствениот казнет простор, па направи пенал. Сигурен реализатор за гостите беше Мачис во 69 минута.
Се чини дека тој погодок им даде елан на фудбалерите на Гранада, па во 78 минута по еден корнер во противнилкиот шеснаесетник најдобро се снајде Дуарте за намалување на водството на Реал на 3-2.
Во последните 10 минути гостите тргнаа со сите сили кон израмнување, по што Хамес Родригес со голот во 93 минута стави точка на мечот за конечни 4-2.