Македонскиот олимпиец, Дардан Дехари, доживеа голем пех на Зимските олимписки игри во Пекинг. Дехари, кој го носеше македонското знаме на отворањето на Игрите, на денешниот тренинг го повредил десното колено.
Мкедонскиот олимписки комитет по повредата на Дехари се огласи со соопштение на социјалните мрежи.
„На денешниот тренинг во Јанкинг, за време на подготовките за своето прво учество на зимските Олимписки игри Пекинг 2022, Дардан Дехари незгодно падна при што тешко го повреди десното колено.
По првите консултации меѓу докторот Лубомир Огњеновиќ, кој е во Пекинг, кинеските доктори и претседателот на Здравствената комисија на МОК, д-р Небојша Настов, станува збор за кинење на предниот вкрстен лигамент на десното колено и Дардан Дехари итно ќе биде опериран“, стои во соопштението.
Дехари, во Пекинг, требаше да настапи на трките во слалом и велеслалом кои се на програмата на 13. и 16. февруари.