Ракометната репрезентација на Бразил по вчерашната победа над Србија, предмалку ја победи и селекцијата на Русија, која вчера одигра нерешено со домаќинот на ракометното СП, селекцијата на Германија.
„Кариоките“ во еден возбудлив меч славеа многу важна победа со резултат 25-23 откако вардарецот Тимур Дибиров им ја олесни работата. Левото крило кое играше маестрален меч, во 53 минута заработи директен црвен картон откако ги загуби нервите и со двете раце го оттурна противничкиот голман Алмеида кој во последната четвртина од мечот правеше чуда на бразилскиот гол и практично ги отпиша Русите.
Најдобар поединец во победничкиот тим, покрај Алмеида, беше Боргес со 7 погодоци, го следеше Лангаро со 6 и Толедо со 5.
Кај Русија Дибиров постигна 6 гола, исто колку и Житников, а веднаш зад нив беше Шкурински со 5.
На табелата во групата А прва е Франција со 6, втора Германија со 5 бода (нивниот меѓусебен меч почнува вечерва во 20.30 часот), трета е Русија со 4, а ист број бодови на четвртата победа има и Бразил. На последните две позиции се Србија со 1 и Кореја без бодови.