Мадридската катастрофа на Аргентина е топ тема, не само во оваа земја, туку и низ целиот свет. Шпанија, синоќа на „Ванда Метрополитано“, со хет-трикот на Иско, ја декласира Аргентина 6:1.
Оправдување за катастрофалниот пораз на „гаучосите“ не може да им биде ниту фактот дека играа без својот најдобар играл, Лео Меси. Ѕвездата на Барселона поради повреда на бутниот мускул го прескокна овој дуел, а од истата причина не играше ниту минатиот петок против Италија.
Неиграњето на Меси го искоментира напаѓачот на „црвената фурија“, Диего Коста кој го постигна првиот гол на натпреварот во 13.минута.
„Во Аргентина сакаат да го критикуваат Меси и тоа ги преминува сите граници. Денес видоа што е Аргентина без Меси. Аргентинците мора да го чуваат и да му бидат благодарни. Каде ќе беа доколку го немаат него?“, рекол Бразилецот со шпански пасош.