По историскиот успех минатото лето на фудбалскиот Мундијал во Русија, репрезентацијата на Хрватска квалификациите за следното Европско првенство во 2020 година ќе го игра со изменет состав.
Дел од промените настанаа веднаш по Мундијалот кога од националниот тим се збогуваа Ведран Чорлука, Марио Манџукиќ и голманот Данијел Субашиќ.
Сепак за натпреварот против Азербејџан на стартот на квалификациите селекторот Златко Далиќ нема да може да смета на услугите на уште неколкумина важни играчи за селекцијата.
Поради повреда меѓу „Коцкастите“ нема да се Шиме Врсаљко, Јосип Пивариќ и Марко Пјаца, а Иван Стриниќ поради проблеми со срцето неколку месеци е надвор од терените.
Поради парни картони споменатиот меч против аутсајдерот ќе го пропушти и Дејан Ловрен.
Фудбалерот на Баер Леверкузен, Тин Једвај исто така има проблеми со повреда, а иако слични проблеми имаа и Брозовиќ, Ребиќ и Перишиќ, се чини тие сепак ќе се најдат на списокот на селекторот.
Против Азербејџан очекуваната постава на Далиќ е:
Ливаковиќ / Брекало, Вида, Чалета-Цар, Баришиќ / Модриќ, Ковачиќ (Брозовиќ), Ракитиќ / Крамариќ, Петковиќ, Перишиќ.