Top Sport

Федерер: Ништо нема да биде исто кога ќе си одиме Новак, Рафа и јас!

Роџер Федерер денеска од 20 часот го игра осминафиналниот дуел на Мастерсот во Мајами против Русинот, Данил Медведев, а во очи на дуелот, Швајцарецот кој е тежок 20 Гренд слем пехари ги сподели своите размислувања во врска со повлекувањето од тенисот.

Федерер смета дека многу работи во тенисот ќе бидат поинакви кога тој, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ ќе завршат со тенисот.

„Кога сите тројца ќе се повлечеме, мислам дека нашите навивачи би можеле да се најдат во вакуум. За нив ништо нема да биде исто, но ќе се појават нови ѕвезди. Така било секогаш. Имаме 4 Гренд слема годишно, АТП тур финалиња, Мастерси. Некој мора да ги освојува тие силни турнири и можеби ќе биде интересно да се види како некој друг ги освојува сите тие пехари“ – смета Федерер.

Тој раскажа и како се уште ја наоѓа мотивацијата за нови мечеви, нови турнири, нови предизвици.

„И понатаму се прашувам како останувам мотивиран да давам интервјуа, да излегувам на тренинзи и на мечеви. Среќен сум што и понатаму можам да се занимавам со тенисот. Тоа е привилегија, уживам во тоа што го правам. Имам семејство и сјаен тим околу себе, неверојатен кондициски тренер кој одлично ме подготвува“ – рече Федерер.

Scroll to Top