Пилотот на Ферари, Себастијан Фетел беше најбрз во првиот дел од тестирањата во Барселона, пред почетокот на шампионатот во Формула 1.
Германецот оствари резултат од 1:16,841 минути, а извозе најмногу, 49 круга.
Втор на тестирањето беше Ленс Строл од Рејсинг Поинт со заостанување од 0,277 секунди.
Трето време имаше возачот на Вилијамс, Николас Латифи со заостанување од 0,472 секунди зад времето на Фетел.
Возачот на Мекларен, Ландо Норис беше четврти, Макс Ферстапен од Ред Бул петти, а како шест заврши Валтери Ботас од Мерцедес. Тој возеше само 12 круга поради честото прекинување на тестирањето.
Врнежливото време во Каталонија и лизгавата патека го прекинуваа тестирањето во неколку наврати.
Фетел и Ферстапен се извртеа на патеката и излетаа во песокот, а мали незгоди на лизгавиот асфалт имаа и Ботас, односно Џовинаци.
Новата сезона во Формула 1 официјално треба да започне на 15 март во Мелбурн, со трката за Големата награда на Австралија. Сепак, можно е да има одложување поради новиот коронавирус.