Португалскиот фудбалски ас, Луис Фиго вечно ќе остане запаметен по преминот од Барселона во Реал Мадрид, навивачите на Каталонскиот клуб никогаш не му го простија „предавството“. Тоа јасно му го ставија до знаење уште првиот пат кога се врати на „Ноу Камп“ во белиот дрес.
При секој корнер што го изведуваше, публиката го гаѓаше со секакви предмети, а сега по 17 години Португалецот вели дека сето тоа добро му дошло – маркетиншки.
„Бев задолжен за изведување на корнерите и бев само на тоа фокусиран. Сакав мојата работа професионално да ја одработам, но понекогаш не можев тоа да го направам затоа што по мене беа фрлани разни предмети. Не се сеќавам на се, но паметам една ситуација. Кока Кола тогаш ми беше спонзор, па видов шише на тревата и го собрав во стилот како да снимам реклама. Следниот ден во весниците видов дека ме гаѓале со шише со виски, со свински глави, со се“ – изјави Фиго за „Марка“.
Португалецот за Барса настапуваше од 1995 до 2000 година, а дел од Реал беше од 2000 до 2005 година.
Во кариерата играше уште и за Спортинг Лисабон и Интер, каде во 2009 година ја заврши кариерата.