Најдобриот светски тенисер во моментов, Србинот Новак Ѓоковиќ ја зголеми предноста на врвот на тениската АТП листа во однос на второпласираниот Рафаел Надал.
Шпанецот втора недела по ред губи голем број поени откако во Барселона, исто како и претходно во Монте Карло е елиминиран во полуфинале, иако ја бранеше титулата.
Ѓоковиќ остана на 11.160 бодови, додека Надал од 8.085 падна на 7.765 бодови.
Трет е Германецот Александар Зверев со 5.770 поени, а по него Швајцарецот Роџер Федерер со 5.590.
Најдобрата светска тениска 10-ка ја сочинуваат уште и Доминик Тим, Кевин Андерсон, Кеи Нишикори, Хуан Мартин Дел Потро, Џон Иснер и Стефанос Циципас од петтата до десеттата позиција на табелата.