Менаџерот на Манчестер Сити, Шпанецот Пеп Гвардиола вели дека не сака неговата екипа да се натпреварува пред празни трибини, затоа што фудбалот се игра поради навивачите.
Поради епидемијата на опасниот вирус, во Италија сите натпревари се запрени, додека во Шпанија без присуство на публика ќе се игра во следните 14 дена. Во Премиерлигата сеуште нема рестрикција.
„Свесни сме што се случува. Лигата во Италија е суспендирана, во Шпанија ќе се игра пред празни трибини. Мислам дека такво нешто не чека и нас. Мораме да се запрашаме има ли смисла да се игра без навивачи. Јас не би сакал да играм ЛШ, Премиерлига, купови без навивачи. Играме поради луѓето, можеби е ок еден или два натпревари да се играат без публика, но повеќе – не е. Секако, ќе ги следиме инструкциите, ќе биде така како што ќе каже УЕФА“ – рече Гвардиола.
„Граѓаните“ за две дена го дочекуваат Арсенал, а Пеп ќе се соочи со својот довчерашен помошник на клупата, актуелниот менеџер на „топчиите“, Микел Артета.
„Ова беше вистинска прилика за него да стане менаџер. Некои свои идеи ги пренесе на тимот, сигурен сум дека Арсенал уште ќе напредува. Се слушаме често, но нему не му е потребна мојата помош“- рече шпанскиот стратег.