Претседателот на УФЦ, Дејна Вајт, ги објави деталите од состанокот што го имал со Хабиб Нурмагомедов. Вајт и борецот од Дагестан кој замина во пензија, се сретнале во петокот во Абу Даби.
Вајт открил дека не успеал да го убеди Нурмагомедов да се врати во октагонот, меѓутоа непоразениот во лесна категорија, рекол дека ќе размисли и ќе реши дали ќе се врати, по борбите што следат, а во кои ќе се соочат Конор Мекгрегор и Дастин Поирие, односно Ден Хукер и Мајкл Чендлер.
„Ќе ги гледа тие борби кои ќе се одржат наредниот викенд. Доколку направат нешто спектакуларно, тогаш можеби ќе се врати“, открил Вајт.
„Смета дека Чарлс Оливеира бил одличен против Тони Фергусон, а доколку момците наредниот викенд приредат спектакл, Хабиб би можел повторно да влезе во октагонот“.
Хабиб кариерата ја заврши без пораз, со 29 победи.