Стоперот на Баерн Минхен, 30-годишниот Матс Хумелс изјави дека не му е лут на селекторот на германската фудбалска репрезентација, Јоаким Лев што него, заедно со Џером Боатенг и Томас Милер, реши да не ги вика во селекцијата.
„И јас правам работи за кои другите луѓе не се среќни, па не можам да се лутам за туѓи одлуки кои се однесуваат на мене. Сите тројца сметаме дека заслужуваме малку повеќе почит, но разбирам дека на селекторот му било тешко да го најде вистинскиот начин да ни ја образложи својата одлука. Осум години играње за репрезентацијата, беше фантастично“ – вели Хумелс.
Тројцата играчи на Баерн со години беа стандардни во селекцијата на „Панцирите“, а го сочинуваа и костурот кој во 2014 стана Светски шампион.
Хумелс 70 пати го носеше дресот на Германија, Боатенг имаше 76 настапи, додека Милер со „Панцирите“ одигра 100 меча.
Сепак, Хумелс жали за една друга работа, поврзана со Мудијалот во Русија минатата година, поврзано со натпреварот Германија – Јужна Кореја.
„Да погодев тогаш, веројатно ќе ја поминевме групата и се ќе се одвиваше поинаку. Наместо тоа, примивме два гола во судиското надополнување и бевме исфрлени од Мундијалот. За тој момент повеќе пати разговарав со пријателите и никако тоа да го исфрлам од глава“ – вели Матс Хумелс.