Фудбалскиот свет е во неверување откако од Португалија стигна веста дека шпанскиот голман кој го брани голот на Порто, Икер Касилјас (37) доживеал срцев удар на тренинг. За среќа животот на голманот не е во опасност, смируваат надлежните.
Легендарниот голман кој бранеше само за два клуба во кариерата, за Реал Мадрид и за Порто, а освои се што можеше да се освои во кариерата, важи за еден од најдобрите голмани на сите времиња.
Тој во Реал беше од 1999 до 2015 година кога премина во Порто. За мадридскиот клуб настапи на 510 меча, а за времето поминато со „Кралевите“ освои пет титули првак на Шпанија, двапати го освојуваше Купот на Шпанија, трипати триумфираше во Лигата на шампиони, а остануваат забележани и трофеите во Светското клупско првенство и во Суперкупот на Европа.
Касилјас во 2015 прејде во Порто и стана најплатениот играч во тимот, а досега за португалскиот клуб настапи на 150 натпревари.
Со репрезентацијата на Шпанија има освоено две Европски првенства, а триумфираше и на Мундијалот во 2010 година. За националниот тим настапи на 167 меча.