Заменик капитенот на женската фудбалска репрезентација на САД, Меган Рапино порача дека доколку нејзината земја го освои Светското првенство, таа нема да оди во, како што ја нарече „еб.ената Бела куќа“.
На таквиот начин на комуникација одговори претседателот на САД, Доналд Трамп кој на Твитер и се обрати на Рапино.
„Голем фан сум на женската фудбалска селекција на САД и Меган би требало прво да го освои трофејот, пред да зборува. Се уште не сме ги повикале Меган и репрезентацијата, но сега ќе го направам тоа, го повикувам целиот тим, и да победат и да изгубат. Меган не би требало да ја омаловажува нашата земја, Белата куќа или знамето, посебно затоа што толку многу е направено за неа и за тимот. Биди горда на знамето кое го носиш“ – напиша Трамп.
До Рапино застана и соиграчката од репрезентацијата, Али Кригер велејќи дека не сака да оди во Белата куќа, а една од најпознатите светски фудбалерки, Алекс Морган уште пред почетокот на Мундијалот рекла дека нема да го прифати повикот на Трамп.
Претходно фудбалерките на САД беа во Белата куќа во 2015 година, кога Барак Обама беше претседател.
Инаку. Меган Рапино е лезбејка и се бори за правата на ЛГБТИ популацијата, а Трамп имаше неколку изјави на кои таа може да му забележи.
Рапино во знак на протест поради кршењето на правата на ЛГБТИ заедницата, одлучи да не ја пее химната на САД, а таа заедно со уште 28 фудбалерки го тужеше Фудбалскиот сојуз на САД затоа што машката фудбалска селекција заработува повеќе пари од нив, иако е помалку успешна.