Регионалната кошаркарска АБА лига денеска издаде соопштение дека дуелот меѓу екипите на Приморска од Словенија и Цибона од Хрватска ќе се игра пред празни трибини. Причина за тоа е опасноста од ширење на коронавирусот во Словенија.
Информациите од АБА се дека дуелот меѓу овие две екипи можно е да не биде единствениот кој ќе се игра пред празни трибини викендов.
„Откако во регионот се појавија првите потврдени случаи на заразени со коронавирусот, во склад со препораките на надлежните министерства на земјите од овие простори, АБА лигата ги извести сите клубови за чекорите кои треба да ги преземат во една ваква ситуација. АБА лигата ги повикува сите учесници во натпреварите и навивачите во салите да се држат до упатствата кои ги даде Светската здравствена организација за да се спречи понатамошното ширење на коронавирусот. Нивото на информираност е многу важно во овој случај. АБА лигата внимателно ќе го следи развојот на настаните и во договор со клубовите ќе одлучи за следните чекори“ – се вели меѓудругото во соопштението на АБА лигата.