Top Sport

Лампард и Тери денеска во војна тешка 270 милиони евра

Поранешните соиграчи во Челси, Френк Лампард и Џон Тери денеска во 16 часот на „Вембли“ во Лондон ќе одлучуваат кој од нив ќе се пласира во Премиерлигата идната сезона.

Лампард е менаџер на Дерби Каунти, а Тери е помошник тренер во Астон Вила.

Астон Вила и Дерби Каунти денеска го играат највредниот натпревар во англискиот фудбал, финале од баражот за пласман во елитното англиско друштво. Мечот кој на победникот може да му донесе вртоглави 270 милиони евра Астон Вила го дочекува како благ фаворит, но двете екипи играат тврдо, па не е чудо победникот да биде решен по изведување на пенали.

Во регуларниот дел од Чемпионшип првенството Астон Вила беше петта, а Дерби шести.

Вила предводена од тренерот Дин Смит во баражот го елиминираше ВБА, а Дерби беше подобар во двобојот со Лидс на нашиот Алиоски.

Многу отворени прашања има пред денешното бараж-финале.

Дали ќе се опорави кај Вила извонредниот Аксел Туанзебе или тренерот Смит ќе се одлучи во нападот за младите Харихејн и Грин.

Кај Дерби под знак прашалник е настапот на левиот бек Скот Мелоун.

Дерби сезонава двапати беше поразен од Астон Вила во Чемпионшип. Домашен пораз на „Прајд парк“ со 0-3 и гостински 4-0 на „Вила парк“.

Scroll to Top