Top Sport

Мајката на Сала: Барам правда за син ми, платија 17 милиони, а не се грижеа за него

Мајката на трагично загинатиот аргентински фудбалер, Емилијано Сала, Мерседес за угледниот „Лекип“ порача дека виновникот за трагедијата мора да биде казнет.

Таа првпат проговори во јавноста за несреќата од 21 јануари кога Аргентинецот го загуби својот живот откако авионот со кој патуваше од Нант кон Кардиф се урна во Англискиот канал.

„Чекаме да дознаеме зошто и како починал. Дали е грешка или небрежност на аеродромот, пилотот или посредникот кој го организираше летот. Истражителите од Англија не посетија. Им поставивме голем број на прашања, сега ги чекаме одговорите. Мислам дека до крајот на годината ќе знаеме што навистина се случило. Многу работи се нејасни“ вели госпоѓа Сала.

Таа вели дека бара правда за синот, а доколку некој погрешил, ќе треба да плати за тоа.

„Цел живот ќе бидам тажна. Во моментов сум и бесна. Јасно е дека не се грижеа за мојот син како што требаше. Платија за него 17 милиони евра и на крајот не се грижеа за него како што заслужуваше“ – смета Мерседес.

Таа смета и дека Кардиф мора да му ги плати на Нант парите за трансферот зошто Емилијано Сала ставил потпис на договорот.

„Емилијано стави потпис на договорот. Кардиф мора да плати, мора да го испочитуваат дадениот збор. Неговиот потпис не може да биде избришан“ – смета Мерседес Сала.

Scroll to Top