Во третото коло од квалификациите за Европското ракометно првенство 2020 година, попладнево во Кожани, Грција, домаќинот загуби од Турција со резултат 22-26.
Во групата 3 во која се и Македонија и Исланд (нивниот меѓусебен натпревар од 3 коло го играат вечерва од 21.45 часот) Турците изненадувачки до победата дојдоа со подобра игра во второто полувреме, откако на полувремето на семафорот стоеше 11-11.
Во истата сала во која нашата ракометна селекција изненадувачки загуби од аутсајдерот Грција со 28-26, сега домаќините претрпеа пораз од селекцијата која Македонија во Битола ја победи со резултат 31-27.
Натпреварот во Кожани беше израмнет се до резултат 22-22, а тогаш гостите направија серија од 0-4 и не му дадоа можност на противникот да се радува на нов триумф.
Сега на табелата, пред да се одигра дуелот Исланд-Македонија, „рибарите се први со 4 бода од два меча, а останатите три селекции имаат по два освоени бода. Македонија моментно е втора затоа што има меч помалку од Грција и Турција.