Top Sport

Македонски аикидоки на Светскиот аикидо самит во Токио

Во олимписката година уште тројца претставници од Македонија ќе учествуваат на настан од светски рамки, а кој се однесува на боречката вештина аикидо.

Од 2-ри до 5-ти октомври Македонската Аикидо Федерација – Аикикаи Македонија (www.aikido.mk) ги испраќа Дамјан Цингарски, Марија Дојчиновска и Веда Јегени, сите од клубот Хенбо од Скопје, на Светскиот аикидо самит кој, како и олимпијадата, се одржува еднаш на секои четири години во Јапонија, земјата од каде потекнува аикидото.

Нашите претставници во рамки на самитот ќе изведат двоминутна демонстрација, претставувајќи ја Македонија, пред самиот врв на аикидо вештината во светот, водачот на Аикикаи фондацијата – Моритеру Уешиба (Moriteru Ueshiba), најголемите имиња на денешното аикидо, учителите од светското седиште на Аикикаи фодацијата – Хомбу доџо, како и пред бројната публика што ќе биде присутна да го проследи настанот од трибините на Јојоги олимпискиот центар во Токио.

Демонстарции ќе изведат и сите други присутни претставници на скоро сите земји од светот, како и најистакнатите мајстори на вештината аикидо. Секоја демонстрација е всушност кореографија на борба, или поточно кажано, демонстраторот исполнува разни техники за одбрана и совладување на еден или повеќе напаѓачи, кои во секоја од демонстрациите се во улога на асистенти. Целта на секоја демонстрација е да се прикаже хармонизираноста на учесниците без разлика дали се наоѓаат во улога на нападнат или напаѓач, и да се нагласи ненасилниот карактер на разрешувањето на конфликт.

Во Аикидо вештината не постојат натпревари, па затоа таа и не може да го најде своето место на олимписките игри, но затоа таа како таква, вештина со приказен, демонстративен карактер, има разни платформи за средби на аикидоки од целиот свет, каде што аикидо приказите служат за да се види постигнатото ниво на учесниците. Настанот ќе може да се проследи на социјалните мрежи.

Scroll to Top