Македонските ракометни репрезентативци попладнево безбедно стигнаа во Минхен, Германија, по летот од Загреб. Сепак, дел од багажот на играчите заглави во главниот хрватски град, па се очекува опремата да биде комплетирана доцна попладнево.
Според информациите, нашите најдобри ракометари имаат можност за прв тренинг попладнево од 17 до 18 часот, а на распоредот се и утрешните два планирани тренинга во „Олимпијахале“ во Минхен, каде Македонија во наредниов период ќе ги игра петте натпревари од групната фаза против Јапонија, Бахреин, Хрватска, Шпанија и Исланд.
За „црвено-жолтите“ Мундијалот во Германија и Данска започнува в петок против Јапонците од 15.30 часот.