Во очи на денешната Формула 1 трка за Големата награда на Белгија ќе се одржи минута молк во чест на возачот Антоан Убер кој вчера го загуби животот во трка од Формула 2 на истата патека.
Убер го загуби животот откако во него со голема брзина удри Америнанецот Хуан Мануел Кореа, откако претходно францускиот возач со болидот удри во заштитната ограда и болидот се отфрли на средината на патеката.
Кореа е на интензивна нега, а по операциите, тој е во стабилна состојба.
Денешната трка во Формула 1 е предвидено да започне во 15.10 часот, а минутата молк во чест на младиот возач ќе се случи во 14.53 часот, соопштија од организацијата на трката.
Пред денешната Формула 3 трка, исто така имаше минута молчење во чест на Убер, а на трката присуствуваа мајката и братот на 22-годишниот возач. Тие притоа држеа кај себе една од неговите кациги.
Освен возачите на Формула 2 и Формула 3, на трката се најдоа и возачите на Ферари, Себастијан Фетел и Шарл Леклер.
Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) извести дека ќе спроведе детална истрага за несреќата.