Дури тројца браќа Адетокумбо се повикани на подготовките на грчката кошаркарска репрезентација пред Светското кошаркарско првенство во Кина. Сепак, Грција не е единствената селекција која ќе има роднини во екипата на Мундобаскетот.
Јанис Адетокумбо е најверојатно првата ѕвезда на СП, а друштво ќе му прават неговите двајца браќа Танасис и младиот Костас.
Во репрезентацијата на Нов Зеланд би требало да настапат браќата Вебстер, Кори и Тај. Тие претходно заедно настапија за својата селекција на СП во Мадрид.
Селекцијата на Нигерија во Кина ќе ја претставуваат браќата Ел Фарук и Аладе Амину.
Репрезентацијата на Шпанија повторно ќе има браќа во тимот. Со години тоа беа славните По и Марк Гасол, а сега со „фуријата“ се Хуан и Вили Ернангомез.
За Венецуела ќе играат Грег и Хосе Варгас, а во тимот на Канада ќе бидат браќата Фил и Томас Скраб.
И во полската селекција има браќа. На искусниот Матеуш Понитки ќе му се приклучи помладиот брат Марсел.
На Европското првенство во 2017 година за Русија настапуваа браќата Михаил и Димитриј Кулагин, па нема причина двајцата да не ги видиме кај „зборнајата“ и во Кина.