Хрватскиот фудбалер Лука Модриќ ја објави својата автобиографија „Моја игра“ која го прикажува неговиот поглед на сопствениот живот, од детството, првите фудбалски чекори, па се до влезот во друштвото на најдобрите светски фудбалери.
Модриќ книгата ја напиша во соработка со долгогодишниот пријател Роберто Матеони.
Модриќ во фудбалската историја влезе во 2018 година кога ги освои сите четири најпрестижни светски фудбалски награди – Златна топка на СП, „The Best“ на ФИФА, наградата од УЕФА и „Ballon D`Or“.
Модриќ е познат како човек кој малку зборува, па тој за првпат открива бројни непознати детали за својот живот.
„За што размислувал во најбитните натпревари, за својот однос со клучните играчи и тренерите, за чувството кое постојано го следи на теренот, за љубовта, семејството, губитоците, дознаваме во приказната за човекот чија истрајност и сила на духот им стана пример на многумина. Темел на секој успех е едноставно – борете се, не се откажувајте и верувајте во себе“ стои во најавата за автобиографијата.
Предговорот за книгата го напишаа Сер Алекс Фергусон и Звонимир Бобан, а книгата ја препорачаа фудбалските ѕвезди Герет Бејл, Карим Бензема, Рафаел Варан и Марсело.
„Моја игра“ содржи повеќе од 60 досега необјавени фотографии од приватната архива на Лука Модриќ.