Top Sport

„Мундо Депортиво“ тврди – Олмо ќе се пресели во Лајпциг?

Иако се уште е играч на Динамо Загреб, шпанскиот фудбалски репрезентативец, Дани Олмо нема уште долго да остане во главниот град на Хрватска.

Според пишувањата на шпански „Мундо Депортиво“, наводно Динамо е блиску до договор со Лајпциг за трансфер на Шпанецот во моментно водечката екипа во Бундеслигата.

„Како што знаеме, Динамо му понудил продолжување на договорот на Олмо, но Шпанецот тоа не го прифатил, одлучен е да го напушти првакот на Хрватска за да се развива во посилен клуб. Лајпциг го гледа како идеална дестинација затоа што екипата преферира напаѓачка игра. Покрај тоа Лајпциг ќе игра осминафинале во ЛШ“ – пишува „Мундо“.

За потсетување, минатата недела на големо се пишуваше за трансфер на Олмо во калчолигашот Милан, но на крај, се чини не дошло до договор затоа што агентите на шпанскиот фудбалер побарале 7 милиони евра провизија.

„Скај спорт“ пишува дека спортскиот директор на „росонерите“, Звонимир Бобан не сака да даде повеќе од 20 милиони евра за Шпанецот.

Олмо и сезонава е најдобриот играч во таборот на „модрите“. Договорот со Динамо му е до летото 2021 година.

За услугите на Олмо беше заинтересирана и Барселона, но сега младиот фудбалер не е приоритет за Каталонците. Главоболка на Управата на клубот е да се пронајде замена во нападот за повредениот Луис Суарез.

Scroll to Top