НБА играчите решиле да го продолжат плејофот по откажувањето на трите денешни натпревари во знак на протест поради расната неправда, тврди обично добро информираниот новинар на „ЕСПН“, Адријан Војнаровски. Играчите имале состанок на кој се верува дека се стигнало до договор дека плејофот во Орландо ќе продолжи во сабота.
Во средата, Милвоки бакс, НБА тимот од Висконсин, каде што во последните денови има огромни протести откако полицијата го застрела Џејкоб Блејк, решија да не го почнат петтиот меч од првото коло на плејофот против Орландо иако им требаше само една победа да се пласираат во второто коло. НБА подоцна ги откажа мечевите Оклахома Сити-Хјустон и Портланд-ЛА Лејкерс.
Според изворите на „ЕСПН“, како дел од планот за продолжување на плејофот ќе биде формиран акциски план за прашањата околу расната неправда, иако НБА веќе го прави тоа со фразата „Black Lives Matter“ која стои на терените, а кошаркарите носат порака за промена на своите дресови.