Тренерот на Баерн Минхен, Хрватот Нико Ковач по освоената титула во Бундеслигата денеска не ја тргнуваше насмевката од лицето, а не изостана и традиционалното поливање со пиво. Таа „должност“ му припадна на Арјен Робен.
Тренерот на Баварците имаше тешка сезона, медиумите неколкупати досега му „даваа отказ“ се шпекулираше со имињата на неговите наследници. Тоа се случуваше најмногу во периодот кога Баерн Минхен имаше 9 бода заостаток зад Борусија Дортмунд.
Сепак, денеска рече дека и идната сезона ќе е на кормилото на минхенскиот клуб.
„Верувам дека и идната сезона ќе го водам Баерн. Уверен сум дека ќе продолжам, имам информации од прва рака, не од втора или трета. Можам да кажам дека сум многу среќен што навивачите ме поздравија за овој успех и го скандираа моето име“ – рече Ковач по победничкото славје.
На прашањето кој му ја кажал таа информација, хрватскиот стратег само се насмеа и продолжи со славјето.