По четири години во „сино-црниот“ дрес, хрватскиот фудбалски репрезентативец, Иван Перишиќ ќе го замени „Џузепе Меаца“ со „Алијанц Арена“, а соблекувалната на Интер ќе ја замени со онаа на Баерн Минхен.
Во Интер Перишиќ стекна светска слава и секогаш беше еден од позабележителните на теренот.
На Инстаграм се прости со сите што го следеа на неговиот пат во Италија.
„Ви се обраќам на сите кои бевте дел од мојот професионален живот во последните 4 години. Пред се им се заблагодарувам на навивачите на Интер од срце за непрекинатата преданост и поддршка во убавите времиња, како и во оние предизвикувачките. Фала на Интер. На целата постава, а посебно на тренерите и играчите. Вашите совети и искуство кои ги стекнав секогаш ќе бидат дел од мене како личност и како играч. Фала за се. Форца Интер, засекогаш“ – напиша Перишиќ.
Хрватот во дресот на „нероазурите“ одигра 163 меча и постигна 40 гола, а запиша и 37 асистенции.
Во Италија стигна за 16 милиони евра од Волфсбург, а во Баерн се враќа на едногодишна позајмица вредна 5 милиони евра и плус 20 милиони евра отштета за трансфер кој би се случил идната сезона.