Семејството на трагично загинатиот аргентински фудбалер, Емилијано Сала ќе остане без 700.000 евра обесштетување поради административна грешка на фудбалскиот клуб Кардиф Сити.
Според наводите на „Тајмс“, велшкиот клуб направил грешка при регистрацијата на фудбалерот, па Фудбалскиот сојуз на Велика Британија им ги вратил документите на дополнителна проверка. Таа проверка подразбира Сала да потпише нови формулари, но тоа не можеше да го стори затоа што во меѓувреме авионот во кој тој патуваше се сруши, а фудбалерот го изгуби животот.
За потсeтување, Аргентинецот загина на 21 јануари, а договорот за трансфер од Нант во Кардиф вреден 17 милиони евра беше склучен неколку дена порано.
Доколку администрацијата на Кардиф успешно го завршела процесот на регистрација, Сала би бил осигуран од Здружението на професионални фудбалери и би имал загарантирана сума од 700.000 евра кои би му припаднале на неговото семејство во случај на изненадна смрт, како што беше во ситуацијата.
Постојат индиции дека Здружението сепак ќе го исплати семејството, но за тоа ќе треба да одлучи Пензискиот фонд откако ќе му биде доставена документацијата и копија од потпишаниот договор со премиерлигашот.
Вчера Нант и Кардиф се договорија првата рата од 17-те милиони евра, вкупно 6 милиони евра, за трансферот да биде исплатена до крајот на овој месец