Top Sport

Ракитиќ, Кулибали и Ван-Бисаке се на врвот на желбите на Солскјер за во Јунајтед

Норвежанецот Оле Гунар Солскјер го препороди Манчестер Јунајтед, па веќе стигна и да достави до управата листа на потенцијални засилувања за следната сезона.

На 19 декември норвешкиот стратег го замени Жозе Мурињо на клупата на „црвените ѓаволи“ и од тогаш до сега на 15 натпревари забележа 12 победи, со 2 нерешени и само еден пораз, од ПСЖ во Лигата на шампиони.

Најтрофејниот англиски клуб во последните 10 кола ќе се бори за пласман во ЛШ, а Солскјер сака на „Олд Трафорд“ да ги донесе играчот од среден ред на Барселона, Иван Ракитиќ, дефанзивецот од Наполи, Калиду Кулибали и бекот на Кристал Палас, Арон Ван-Бисаке.

Ван-Бисаке е означен како замена на 33-годишниот Ешли Јанг, со Кулибали би се зајакнала одбраната, а Хрватот би внел креативност во средникот, на зачетокот на акциите.

Ракитиќ и Ван-Бисаке се пореална варијанта, но проблематичен би бил трансферот на Сенегалецот за кој од Наполи бараат 120 милиони евра.

Јунајтед веќе еднаш понудија 100 милиони, но челниците на италијанскиот клуб ја одбија понудата.

Scroll to Top