Се чини тотален хаос владее во Реал Мадрид по вторничната елиминација од Ајакс во ЛШ.
Медиумите во Шпанија јавуваат дека по мечот со Ајакс во соблекувалната дошол претседателот на клубот, Флорентино Перез и ги критикувал играчите дека им недостасува верност, волја и желба, а неколкупати го споменал и зборот „срамно“.
Според информациите, тогаш пристигнал и капитенот Серхио Рамос, кој го пропушти мечот со Ајакс поради парни жолти картони, и застанал во одбрана на соиграчите. Дефанзивецот гласно му викал на Перез дека тој е виновен за катастрофалната сезона поради неговите очајни планирања и посредувања.
„Исплати ме и си одам!“ – му рекол Серхио на претседателот на Реал Мадрид, по што пред целата екипа му рекол: „Се сум дал за овој клуб и овој грб, па дури и за тебе“.
Веднаш потоа Перез, наводно, се состанал со управата на клубот разгледувајќи го отказот за Солари како излез од кризата, а размислувано било да го вратат Мурињо на кормилото на Кралевите.
Шпански „Ас“ пишува дека интерес за Серхио Рамос покажал Манчестер Јунајтед. Договорот на 32-годишниот Шпанец истекува наредната година, но не е исклучена можноста по 14 години поминати во истиот дрес, Рамос да ја промени средината.