Top Sport

Реми без голови на скопското дерби, Вардар не искористи пенал

Вардар и Работнички одиграа досадни 0-0 во рамки на 21 коло од ПМФЛ. На арената „Тоше Проески“, пред празни трибини двете екипи одиграа потпросечен меч на кој поделија по бод, кој секако многу повеќе му значи на Работнички кој грчевито се бори за опстанок. Последен пат Вардар и Работнички натпревар без голови одиграа во 2014 година.

Вардар има причина да жали што не ги однесе 3 бода од мечот со оглед на тоа што „црвено-црните“ имаа пенал во 96 минута.

По играњето со рака на Пецов во шеснаесетникот на „Романтичарите“, судијата покажа на белата точка. Вардарецот Мицевски биеше, но нововлезениот голман Јанков му го одбрани ударот.

Со ист резултат, 0-0 заврши и вториот денешен меч кој се одигра во Струга, меѓу екипите на Струга Трим Лум и Силекс.

Утре на програмата се останатите натпревари од ова кола, а од 14 часот се состануваат: Академија Пандев – Борец, Шкендија – Македонија ЃП и Шкупи – Ренова.

По некомплетното коло, Вардар е прв на табелата со 43 бода, со 11 бода повеќе од второпласираната Шкендија и од третопласираниот Силекс.

Работнички со бодот во дербито со Вардар се искачи на осмата позиција со 22 бода. Зад него е Ренова со ист број бодови, додека последне на табелата е тимот на Борец со 20 бода.
Фото: ФК Работнички

Scroll to Top