Францускиот фудбалски интернационалец, Франк Рибери затвори едно големо поглавје во својата фудбалска кариера. Во јуни по 12 успешни сезони го напушти Баерн Минхен.
Се шпекулираше дека искусниот 36-годишен фудбалер ќе остане во Бундеслигата, во тимот на Ајнтрахт Франкфурт, но се чини Французинот ги промени плановите.
Тој вели дека за него би било незамисливо да игра против Баерн и очигледно тоа нема да може да го направи.
„Билд“ пренесува информација дека екс-репрезентативецот на Франција одлучил да оди надвор од Европа и таму да ја заврши кариерата. Наводно, тој се двоуми меѓу богатите понуди од клубовите од Катар или Саудиска Арабија.
Освен кај Баварците, Рибери настапуваше и за Булоњ, Брест, Мец, Галатасарај и Марсеј.
За „галските петли“ има 81 настап и 16 постигнати голови.