Навивачите, новинарите, играчите и тренерите го избираат „Тимот на деценијата“ за периодот од 2010 до 2020 во кошаркарската Евролига.
Првиот член на најдобриот тим на декадата е прогласен денеска, а најверојатно никој нема да биде изненаден од изборот на играч кој е првиот кошаркар кој освои две титули со два различни тима. Се работи за актуелниот капитен на ЦСКА Москава, Кајл Хајнс.
Хајнс во Евролигата дебитираше во октомври 2010 година како анонимус. На својот прв меч имаше учинок од 20 поени и 7 скока за Бамберг во поразот од римска Лотоматика.
Во наредните години стана најголемиот победник меѓу играчите во Евролигата, освојувајќи 4 трофеи европски шампион. Хајнс го изедначи и рекордот на Шарунас Јасикевичиус со 8 настапи на „фајнл-фор“.
Освои две врзани титули со Олимпијакос 2012 и 2013 година, а потоа во 2016 и 2019 го подигна истиот трофеј уште двапати, со ЦСКА.
Во сезоната 2015/2016 и 2017/2018 тренерите го одбраа за најдобар дефанзивец на лигата.
Во минатата декада, Хајнс е прв по бројот на офанзивните скокови (516), втор по блокадите (211) и трет по вкупен број скокови (1.160).