Општиот впечаток по првото коло во фудбалската Лига на шампиони е дека загребски Динамо и Ред Бул Салцбург се хит на почетокот на еминентното фудбалско натпреварување во Европа.
„Модрите“ на „Максимир“ синоќа ја преслушаа италијанска Аталанта со 4-0, а австрискиот тим во вторникот го торпедираше белгиски Генк со 6-2.
Тимот на тренерот Ненад Бјелица забележува одлични резултати во последниот период со што Динамо станува сериозен европски клуб кој има големи амбиции во ЛШ.
Интересен податок поврзан за „модрите“ е дека моменталната вредност на фудбалерите, според „Трансфермаркт“, е 107 милиони евра, а интересното е во тоа што овој колектив е создаден со минимални вложувања од само 6 милиони евра. Толку чини стартната постава на Динамо која синоќа и одржа лекција на италијанската екипа.
Управата на Динамо за Словенецот, Петар Стојановиќ пред неколку години на Марибор му плати 2 милиони евра, а за напаѓачот Мирсав Орсиќ, кој синоќа постигна хет-трик, и за Бруно Петковиќ „модрите“ платија по 1 милион евра.
Репрезентативниот голман на Хрватска, Доминик Ливаковиќ чинел 625.000 евра, австрискиот дефанзивец Емир Дилавер 800.000 евра, додека за стрелецот на првиот синоќешен гол, Марин Леовац, Динамо платил само 300.000 евра.
Стоперот Дино Периќ од Осијек е купен за 120.000 евра, додека мекедонскиот фудбалски репрезентативец, Аријан Адеми и Теофил Катерин се дојдени на „Максимир“ без оштета.
Метата на големите клубови, Шпанецот Дани Олмо од Барселона е доведен на тренинг компензација за само 200.000 евра.