Top Sport

Шпанија и Русија ќе ги играат првите продолженија на СП (видео)

Шпанија не успеа да го скрши отпорот на домаќините Русија и по 90 минути на „Лужники“ во Москва ќе ги гледаме првите продолженија на ова Светско првенство, откако мечот заврши 1:1.

Светските шампиони од 2010 година, Шпанците имаа повеќе од играта и ја контролираа топката, меѓутоа изненадувачки Фернандо Јеро реши да излезе без Андрес Иниеста во првиот тим и тоа се познаваше во играта на „фуријата“, посебно во првото полувреме.

Шпанија дојде во водство на неочекуван и помалку смешен начин, кога Сергеј Игнашевич си постигна автогол во 12. минута. Начо беше соборен од десната страна на шестнаесетникот, а центаршутот на Асенсио заврши во петата на Игнашевич, кој беше вклучен во „рагби зафат“ со Серхио Рамос, кој славеше како тој да постигнал еврогол!

Русите немаа некоја поизгледна шанса во својот прв нокаут меч на СП по распаѓањето на Советскиот Сојуз, и Артем Ѕјуба се закани во 36. минута од далеку. Шпанците иако имаа над 70 отсто од поседот на топката не направија ништо позначајно.

Во 41. минута стигна казната, кога по корнерот на Самедов ударот на Ѕјуба завршува во раката на Пике. Судијата Бјорн Куиперс покажа на белата точка, а Ѕјуба лесно го совладува Де Хеа и без игра израмнува на 1:1.

Шпанците го почнаа второто полувреме со добра шанса, откако Жорди Алба успеа да ја пренасочи топката кон голот на Акинфеев, кој беше сигурен. Диего Коста во 50. минута со глава се обиде да направи нешто повеќе, но ниту тоа не успеа.

Јеро, конечно, се обиде да ја смени играта на „Лос рохос“ внесувајќи го Иниеста на местото на Силва, и Карвахал на местото на Начо, но и покрај посилниот интензитет во нападот, повторно немаше големи возбудувања. Ужасен фудбал!

Шпанија ги имаше двете најдобри шанси во 84. минута, кога прво Алба го најде Иниеста, кој од работ на шестнаесетникот упатува одличен удар, но Акинфеев е подготвен. На одбиената топка налетува Јаго, но Акинфеев повторно ја спасува својата репрезентација.

Фото: ЕПА

Scroll to Top