Легендата на Манчестер Јунајтед, Пол Сколс цели 20 години (ако не се земат предвид 6 месеци пауза од лето до зима 2011 година) го носеше дресот на „црвените ѓаволи“. За тој период освои 25 трофеи, од кои 11 во Премиерлигата и 2 во Лигата на шампиони.
Беше еден од најдобрите играчи од средниот ред на сите времиња, но и покрај тоа, само еднаш во кариерата имал конкретна понуда да направи трансфер.
Овој шокантен податок го пренесоа сите англиски медиуми.
„Имав еден повик, од менаџер кој во минатото го застапувал Боби Робсон. Ме повика додека бев на Европското првенство 2000 година да праша дали би преминал во Интер. Тоа беше единствената понуда која ја добив во текот на целата кариера. После тоа, ништо веќе не чув, ниту пак менаџерот нешто ми кажа“ – рече Сколс.
Тоа што останатите фудбалски клубови не се интересирале за него, вели дека не му паднало многу тешко.
„Играв за клубот кој го сакав уште од мал и со кој редовно освојував трофеи. Доколку тренерот (Алекс Фергусон) ми кажеше дека не му требам, тогаш сигурно би размислувал за заминување во некој друг, голем клуб, но вака немаше потреба да мислам за трансфер во Реал, Барса или Милан“ – вели Сколс.