Top Sport

Солскјер за Фернандеш: Неговиот мозок работи побрзо од останатите!

Норвешкиот стратег во Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер упати низа пофалби за големото засилување кое зимава им се приклучи на „црвените ѓаволи“, Португалецот Бруно Фернандеш.

Фудбалерот кој за 80 милиони евра од Спортинг Лисабон стигна на „Олд Трафорд“ веќе го имаше своето деби за Јунајтед, а Солскјер за него вели дека „размислува побрзо од сите останати играчи во екипата“.

Фернандеш моментно е со соиграчите на тренинг-камп во шпанска Марбеља, а во црвениот дрес дебитираше на реми-дуелот (0:0) со Вулверхемптон.

Португалскиот репрезентативец воодушеви со својата игра на дебито, а менаџерот на екипата очекува големи работи од него во иднина.

„Генерално, тој е многу, многу добар фудбалер и неговиот мозок очигледно е многу побрз за разлика од останатите. Има голем број сјајни атрибути на кои допрва ќе треба да се навикнеме. Тој ќе мора да се навикне на нас, но и ние на него. Распонот на додавањата, како ја предава топката, неговите движења, баш ми е драго да го гледам како ужива. Тренира, тренира и тренира. Неговите работни навики и ентузијазмот се брилијантни“ – рече Солскјер.

Scroll to Top