Top Sport

„СпортМедиасет“: Бобан и Малдини со нов договор за Ибрахимовиќ!

Златан Ибрахимовиќ (38) би можел да остане во редовите на Милан и идната сезона. Фудбалскиот ветеран во јануари годинава по вторпат во кариерата заигра за „Росонерите“ и досега постигна 3 гола, со 1 асистенција на 9 меча. Ибра на „Сан Сиро“ го донесе потребното искуство, па Паоло Малдини и Звонимир Бобан сакаат да го задржат во тимот и за наредната сезона.

Во неговиот договор кој е до крајот на сезонава постои клаузула истиот автоматски да биде продолжен доколку Милан се пласира во ЛШ. Моментно миланската екипа е одалечена цели 9 бода од четвртопласираната Аталанта, па мисијата е малку веројатна.

Сепак, според пишувањето на „СпортМедиасет“, Бобан и Малдини не губат време. Подготвиле нов договор со годишна плата од 7 милиони евра за Швеѓанецот и идната сезона да е дел од трофејната екипа.

Италијанските медиуми пишуваат дека голема е веројатноста Ибрахимовиќ и по завршувањето на кариерата да остане во Милан.

Шведскиот фудбалер досега во „двата мандати“ за Милан одигра 94 меча, постигна 59 гола и има 25 асистенции.

Scroll to Top