Раководството на ракометниот клуб Еурофарм Работник експресно најде замена за сега веќе екс-тренерот Ѓорѓе Чирковиќ, кој си даде отказ по очајното издание на клубот против Татабања, во рамки на групната фаза во ЕХФ купот.
Во новите предизвици екипата ќе ја води новиот тренер, Стевче Алушевски кој вели дека бил изненаден од понудата да го води клубот.
„Бев изненаден, но воедно среќен што Еурофарм Работник ме одбра мене“ – вели Алушевски.
Од клубот преку соопштение ја информираат јавноста за чекорите што се преземени.
„Ја информираме јавноста дека РК Еурофарм Работник во реализација на своите зацртани цели, СЕХА лига за наредна сезона, финале на Куп на Македонија, достојно претставување во преостанатите натпревари од групната фаза на ЕХФ купот продолжува со нов шеф на стручниот штаб. Тоа е Стевче Алушовски. Во име на клубот го изразуваме нашето огромно задоволство што битолската ракометна легенда седнува на тренерското столче на нашиот клуб. Убедени сме дека неговото знаење, искуство, професионалност и посветеност на работата ќе придонесат за остварување на нашите цели и прогресот на нашиот клуб“ – се вели во соопштението на Еурофарм Работник.