Англискиот фудбалски судија Мајк Дин ќе остане запаметен по потегот што го изведе пред неколку години.
На мечот од Премиерлигата меѓу Тотенхем и Астон Вила, по голот на Спарси тој се сврте со раката кон небото и се затрча кон центарот на игралиштето. Делуваше како да го слави голот на лондонската екипа.
„Кога видов дека топката влезе во голот, само се завртев и отидов. Покажував со рацете кон центарот, но не забележав дека го правам тоа толку долго и дека изгледа како да славам“ – рече Дин.
Тој е вистински забавувач на теренот.
„Излегувам на терен како шоумен. Ако топката дојде кон мене, ги раширувам нозете, за да помине. Сакам да го правам тој потег, а го сакам и начинот на кој судам. Уживам во тоа што го работам“ – вели судијата.
Дин е навивач на англискиот нисколигаш Транмере Роверс, а пред да биде судија, работел комплетно различна работа – работел во кланица.
„Отпрвин работев на продажно место, а подоцна бев на местото контролор. Во една смена колевме и по 140.000 пилиња. И тогаш работев како судија. Во фабриката бев од 6 до 14 часот, а потоа одев дома, па на судење“ – вели Мајк Дин.