Помина еден месец откако тенискиот судија Демијан Штајнер ја доби довербата да го суди финалето во машка конкуренција меѓу Роџер Федерер и Новак Ѓоковиќ на неофицијалното светско тениско првенство – Вимблдон. Сепак, по триесетина дена шок за него – аргентинскиот арбитар доби отказ од АТП.
Судијата кој несомнено е еден од најдобрите во светот на тенисот отказот го заработил уште на 15 месецов, а причината е банална и зачудувачка.
Според правилата на АТП, тениските судии не смеат да даваат интервјуа за медиумите без одобрение од организацијата, а токму тоа Штајнер го напраил за аргентински „Континентал“ каде раскажувал за неговата кариера и за епското годинешно финале на Вимблдон кое му припадна на Ѓоковиќ.
Меѓу првите кои му дадоа поддршка на судијата е американскиот тенисер, Џон Иснер.
„Не ја знам целата приказна, но ова делува апсурдно. Штајнер е одличен судија и омилен е меѓу играчите“ – напиша Иснер на Твитер.
Во иднина Аргентинецот ќе може да суди само на турнири за кои судиите не ги одбира АТП, а секако на годинешниот САД Опен за него ќе нема место.