Навивачите на италијански Јувентус покренаа петиција и веќе собраа 15.000 потписи да се отстрани ѕвездата со името на Антонио Конте од Патеката на славните на стадионот на клубот од Торино.
Повиците на навивачите тоа да се стори започнаа веднаш што Конте седна на клупата на Интер од Милано, но гласините се засилија се повеќе како што се наближува утрешното „Derby d’Italia“.
Конте како тренер и играч беше дел од најуспешниот период на „Старата дама“, но многу од навивачите неговата одлука да ја напушти клупата на лондонски Челси и да го преземе кормилото на „Нероазурите“ го протолкуваа како предавство.
Сега сакаат да ја отстранат неговата ѕвезда и на нејзино место да ја постават ѕвездата во чест на Клаудио Маркизио, екс-играчот кој деновиве ја најави фудбалската „пензија“.
Сепак, „Тутоспорт“ пишува дека желбата на навивачие нема да се исполни затоа што претседателот на клубот, Андреа Ањели дал вето ѕвездата да не смее да се отстранува.
Инаку, околу стадионот на Јуве се наоѓаат вкупно 50 ѕвезди посветени на оние кои допринеле во историјата на клубот.